Дибиров: Во 2013 сите се чудеа откако го одбив ПСЖ и преминав во Вардар, но сега...

Кога ќе се спомне Вардар на европската ракометна сцена, сигурно сите прво ги асоцира на двете титули од Лигата на шампионите, но и на еден ракометар кој оставил сè зад себе и цели седум години е верен на „црвено-црните“.

Тимур Дибиров несомнено е икона на Вардар, ракометар кој на секој натпревар го дава максимумот на терен, а притоа ги пребродил сите кризи и одбил бројни понуди, само за да остане дел од вардаровото семејство. 

Руското крило во редовите на Вардар се пресели во 2013 година, откако на изненадување на ракометната јавност ја одбил богатата понуда од ПСЖ и се решил да се пресели во Скопје. 

„Секогаш сум се потпирал на чувствата. Така беше и во 2013 година. Тогаш во рацете имав договор од ПСЖ, но не го потпишав и се решив да преминам во Вардар. Изборот да играм во Македонија за многумина беше необјаснив, Вардар беше далеку од сегашниот тим, а во ПСЖ веќе играа големи ѕвезди како Хансен, Абало... Но, чувствував дека подобро ќе биде да го одберам Вардар и не погрешив. Двапати ја освоивме Лигата на шампионите, додека ПСЖ сè уште сонува за тоа“, вели Дибиров. 

Рускиот ветеран беше поврзуван со трансфери и оваа зима, но повторно остана верен на Вардар и ги одби понудите на Монпелје и Мешков Брест.