• Горан Упале

По херојската победа на гости кај шампионот Монпелје, тимот на Вардар в сабота го игра својот прв натпревар пред своите гледачи во новата сезона на Лигата на шампионите.
Македонскиот првак за свој противник ќе го има Кристијанштад, а во пресрет на овој дуел резервниот капитен Тимур Дибиров изјави дека дуелот со Монпелје веќе е заборавен и сега нивните мисли се насочени само кон шведскиот тим.
„Го заборавивме натпреварот против Монпелје. Не сакаме да гледаме назад и секој меч е важен за нас. Сакаме да победиме на овој натпревар, но се соочуваме со тим кој има искуство од неколку години со настапи во Лигата на шампионите. Имавме проблеми и во претходните сезони. Тоа е екипа која игра различен ракомет со многу брза игра, контра напади, висок интензитет. Ако падне концентрацијата, тогаш нема назад и затоа мораме да играме концентрирано. Секој бод е многу важен сезонава и затоа ќе одиме максимално. Секој нов натпревар може да биде последен во серијата и секој дуел е потежок против Кристијанштад. И тие не знаат нас и ние нив. Против Монпелје исто така имавме голема серија, а тие не победија еднаш и тоа на Ф4 во Келн. Така е и сега. Го сфаќаме противникот сериозно и ќе се обидеме да го одиграме натпреварот на исто ниво од прва до последна минута“, вели Тимур Дибиров.
Натпреварот меѓу Вардар и Кристијанштад на програмата е в сабота од 17:30 часот, а ќе се игра во салата „Јане Сандански“.