Дибиров на еден гол од јубилејната „илјадарка“ во европските натпреварувања

Вардар 1961 го запиша првиот пораз во Лигата на шампионите и тоа на домашен терен во дуелот со француски Монпелје.

Македонскиот првак одигра лош меч, можеби најлош во тековната сезона. Веселин Вујовиќ на прес-конференцијата изрази незадоволство од сите играчи кои добија шанса на оваа средба. Тимур Дибиров беше една од светлите точки меѓу „црвено-црните“.

Русинот постигна седум погодоци во противничката мрежа и продолжи да го поправа голгетерскиот рекорд во елитното натпреварување.

Сега ветеранот има 978 погодоци во Лигата на шампионите. Со седумте гола стигна и до 999 реализации во сите европски натпреварувања. Јубилејната „илјадарка“ се очекува да ја надмине на следниот дуел на гости кај Алборг.

Вардарци паднаа на петтата позиција на табелата, со две победи, едно реми и еден пораз.