Дибиров емотивно: Бевме како мртви кога Самсоненко ни рече дека си оди!

Тимур Дибиров, еден од ракометарите со најдолг стаж во Вардар, како гостин во емисијата „Еден на Еден“ кај Жарко Димитриоски, имаше емотивен момент и зборуваше за ситуацијата кога Сергеј Самсоненко соопштил дека може да се повлече од Вардар.

Рускиот бизнисмен објави соопштение во кое побара помош од државните фирми и бизнисмени за да го финансира Вардар, а се чека разврска на целата ситуација. Засега, ветриштата се позитивни, а Дибиров откри како се чувствувал тимот по соопштението на долгогодишниот инвеститор во македонскиот спорт.

„Јас бев изненаден од тоа што јас како сите во целата ситуација, во ист ден како и сите го дознав тоа. Кога ни соопштија дека Сергеј може да си замине, бевме „мртви“ на тој состанок. Требаше да имаме видео-анализа потоа, но Парондо не ослободи затоа што со главите не бевме тука. Седнавме сите заедно на кафе и еден час молчевме. Бевме во шок и бевме изненадени. Никој не очекуваше такво нешто. Имавме тешки времиња, но не очекувавме такво нешто пред крај на сезоната. Ни требаше недела-две да се смириме и да си кажеме тоа е тоа, што да правиме, одиме до крај. Ќе видиме како ќе биде. Но, ние го сакаме Вардар, го сакаме Скопје, го сакаме Македонија. Ниту една секунда не помисливме дека ќе тренираме со 50%, дека така ќе играме, туку влеговме со повисок мотив. Тоа се покажа во двомечот со ПИК Сегед“ вели Дибиров.

  • Моментот кога Дибиров го одговара прашањето:

Дибиров во редовите на РК Вардар пристигна во 2013 година, од Чеховски Медведи. Тој беше еден од првите звучни засилувања по доаѓањето на рускиот бизнисмен како главен човек во таборот на „црвено-црните“.