Дибиров: Боли начинот на кој загубивме, ова е добра шлаканица!

Тимур Дибиров, најискусниот играч во редовите на Вардар 1961, го коментира поразот од Еурофарм Пелистер (22-31) во Суперкупот. Ова е првпат „црвено-црните“ да загубат титула во ова натпреварување, а Русинот потенцира дека разочарува начинот на кој тимот загубил и посебно е болна играта.

„Ова е прв натпревар, многу сме разочарани не поради поразот затоа што сега е период на подготовки, туку разочарани сме од начинот на кој загубивме. Првиот дел беше доста добро, но во вториот дел паднавме малку во играта. Поради правилата на домашни и странци, не можевме да регистрираме уште неколку играчи, ни страдаше ротацијата поради тоа и екипата не може да држи исто ниво цело време.

Но, не бараме алиби, оваа „шлаканица“ е добредојдена. Може да видиме сега каде грешевме и во кој аспект треба да работиме. Знаеме дека ни следи тешка сезона. Мора да ги кренеме главите и да работиме уште подобро од претходно. Нема простор за разочарувања и за нервози. Туку само работа“, изјави Дибиров.

Вардар и лани ја почна сезоната со пораз во меч за титула од Еурофарм Пелистер, во финалето на турнирот во Струга. Но, потоа, тимот ја освои „двојната круна“.