Девојките на Савевски ќе собираат искуство во Еврокупот кај Црна Гора

Ракометната репрезентација на Македонија, преполна со млади девојки желни за докажување ќе го одигра вториот натпревар во ЕХФ Еврокупот. По поразот дома од Црна Гора, вечерва избраничките на Љубомир Савевски гостуваат кај истиот ривал во рамките на второто коло. 

Црногорките се далеку поквалитетни, тоа го покажаа и во Скопје, користејќи ги падовите во играта на подмладената Македонија за на крајот убедливо славје. Сепак, за домашниот дуел Црна Гора ќе биде уште посилна, бидејќи во тимот се враќа Јованка Радичевиќ, а се очекува да заигра и Деспотовиќ. 

Дијаметрално, Савевски располага со комбинација на искуство и младост. Тим кој треба да се воигра за Европското првенство следниот ноември на кое сме еден од трите домаќини. Селекторот свесно „фрла во оган“ млади ракометарки, голем дел од нив играа летово на ЕХФ шампионатот кој Македонија го освои во Литванија. Талентот е неспорен, младите девојки имаат перспектива, ама некој треба да ги насочи, а токму поискусните во тимот на Савевски имаат таква задача. 

Натпреварот во новоформираното натпреварување на ЕХФ е без резултатски значај, но спротивно на тоа Македонија може да собере огромно искуство кое е преку потребно во дуелите со Црна Гора, Словенија и Норвешка. 

Пресметката денес во Црна Гора е закажана со почеток од 20:30 часот.