• Горан Упале
Ракометарите на Еурофарм Пелистер со пораз ги завршија домашните настапи во Лигата на шампионите. Во последниот натпревар во Битола, македонскиот шампион одигра одлично прво полувреме против моќниот Алборг, но во продолжението данскиот гигант воспостави контрола на паркетот и на крај славеше сигурна победа од 28-33.
Со оваа победа Алборг се зацврсти на втората позиција на табелата со 18 бода, додека Еурофарм Пелистер останува последен без ниту еден освоен бод.
За последниот натпревар пред домашната публика тренерот Бранислав Ангеловски не можеше да смета на словенечкиот среден бек Домен Тајник поради болест. Покрај тоа, од составот изостанаа голманот Калифа Гедбан, кој пред неколку дена стави потпис на договор со Ерланген во Германија, како и Цветан Кузманоски и Павле Атанасијевиќ. Од друга страна, во таборот на Алборг тренерот Мадсен на располагање го немаше само Антонсон.
Ангеловски за својот колега приреди две изненадувања и двете вродија со плод на стартот од натпреварот. Еурофарм Пелистер во одбрана отвори со висока „3-2-1“ зона со Петар Атанасијевиќ како најистурен и тоа му создаде многу проблеми на данските ѕвезди во нападот. Другото изненадување беше играта „седум на шест“, односно игра со двајца кружни напаѓачи. Оваа тактика донесе и резултат, затоа што пелистерци беа рамноправни во првите десет минути, а со голот на Манасков и за првпат поведоа со 5-4.
Урош Борзаш и Филип Кузмановски беа супер-мотивирани за надигрување и со осум од десетте постигнати гола во дваесет минути беа најзаслужни што „зелено-белите“ играа егал против фаворизираниот ривал. Во последната третина од првото полувреме се влезе со само еден гол позитива за Алборг, а данскиот тим, воден од Микел Хансен, до паузата успеа да ја зголеми предноста за уште два гола и на одмор замина со 14-17. Капитенот Кузмановски го одигра најдоброто полувреме по кам-бекот во Битола и зад своето име запиша седум погодоци, додека два помалку имаше Борзаш. За домаќините по еден погодок постигнаа уште Пешевски и Манасков.
Во вториот дел Ненад Костески го замени поискусниот Радивојевиќ и веднаш режираше цепелин со Кузмановски, но тоа беше единствената светла точка на пелистерци на стартот од вториот дел. Алборг тргна моќно, за само неколку минути врза три гола и си создаде позитива од шест кола, која му донесе мирен финиш.
Пелистерци по лошиот старт во неколку наврати пробаа да ја вратат резултатската неизвесност. Кузмановски во свој стил, од место, испрати нова „бомба“ кон противничкиот гол, а потоа со фантастична асистенција без гледање го проигра полскиот џин Пиеховски. Но, гостите не дозволија позитивните минути на „зелено-белите“ да траат долго и со сигурна игра во продолжение стигнаа до важна победа од 28-33.
Кузмановски одново одигра одлична партија и со девет гола беше најефикасен на натпреварот. Кај Еурофарм Пелистер се истакна и Борзаш со шест и Пешевски со четири гола. Кај данскиот тим Влах и Бјорнсен имаа по четири гола.
Пелистерци во последното коло од Лигата на шампионите патуваат во Норвешка, кај новиот скандинавски гигант Колштад.