• Мартин Танасковски
Ексклузивната најава од „Моцарт Спорт“ доби и официјална потврда – Стефан Додиќ е нов ракометар на унгарскиот великан Веспрем. Талентираниот среден бек од Врање потпиша договор со најтрофејниот и финансиски најмоќен клуб во светскиот ракомет, кој ќе важи до јуни 2027 година.
Со овој трансфер, задоволни можат да бидат и во редовите на Војводина, која оствари рекордно обештетување во историјата на клубот. Според информациите, станува збор за сума поголема од 80.000 евра, со што е надминат и претходниот рекорд поставен пред помалку од две години при трансферот на Лука Роган во германскиот Лајпциг.
Иако договорот на Додиќ со Вojводина истекуваше во јуни, неговите одлични настапи на Европското првенство драстично му ја зголемија пазарната вредност. Само 22-годишниот плејмејкер привлече внимание од бројни европски клубови, но понудата од Веспрем се издвојуваше како најконкретна и најамбициозна и спортски и финансиски.
Познат по својата креативност, преглед на играта и смелост во одлучувачките моменти, Додиќ важи за еден од најперспективните ракометари на својата позиција во регионот. Се работи за играч кој почна со ракометот во Македонија, како дете на Металург каде пристигна по барање на Лино Червар, а патуваше од Врање до Скопје секој ден за да оди на тренинг и на училиште
Со 15 години и седум месеци тогаш Додиќ настапи во Лигата на шампионите, стана и најмлад стрелец во историјата. Потоа кариерата го носеше преку ГРК Охрид и Вардар 1961, во Киелце од Полска, потоа Загреб, Целје, Војводина, па сега Веспрем.

