• Иван Димовски

Македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски имаше одлична партија, меѓутоа ниту тоа не му помогна на Порто да не загуби кај Динамо Букурешт (32-27).
Португалците одиграа егал во првиот дел, бркаа негатива и често имаа позитивен скор во Букурешт. На пауза се замина со минимално водство на Динамо од 13-12. Сепак, во вториот дел домашната екипа беше подобра на теренот, бргу дојде до +4, а иако Порто се врати пак на гол дефицит, немаше сили за целосен кам-бек. Во завршницата Динамо влезе со водство, не дозволи трилер завршница и запиша заслужен триумф, прв во елитното натпреварување, додека Порто го забележа четвртиот неуспех.
Митревски го заврши натпреварот со двоцифрен број интервенции, вкупно фати десет удари. Али Зеин ја предводеше екипата на Динамо до победата со десет реализации, додека Џек Турин со осум беше најефикасен во таборот на поразените.
Попладнево се одигра и натпреварот меѓу Целје Пивоварна Лашко и Нант, кој заврши со убедлив триумф на француската екипа од 24-35. Словенечкиот тим немаше сили за сензација, одигра под нивото и лесно капитулира пред Французите.