Дерби на непоразените: Алкалоид го предизвикува максималниот Вардар

Ракометната јавност попладнево ќе биде насочена кон СЦ „Јане Сандански“, каде што се игра дербито меѓу Вардар 1961 и Алкалоид. Скопската пресметка може да биде важна во распределбата на бодови за плеј-офот, но и во битката за титула. 

Вардарци се единствената максимална екипа со „десет од десет“ во првенството, а Алкалоид има осум победи и две нерешени против Еурофарм Пелистер и Охрид дома. Поради тоа ова дерби има огромна тежина, играат двете екипи кои се единствени непоразени во лигата. 

Тимот на Кирил Лазаров е предизвикувач на максималниот Вардар. За оваа средба македонскиот селектор и тренер на Алкалоид нема да го има едно од главните оружја во бековската линија Урош Борзаш. Сепак, ритам почна да фаќа Марко Митев кој е главен разигрувач на тимот по долгата повреда. Од друга страна во Вардар подолго отсутни се Милан Лазаревски и голманот Мигел Еспиња, а од неодамна од тимот замина Филип Талески. 

Пресметката меѓу Вардар и Алкалоид се игра во терминот од 18:30 часот. Подоцна во вечерен термин играат Тиквеш и Бутел.