Денот кога женскиот мак-ракомет ја славеше последната голема победа

Женската ракометна репрезентација на Македонија на денешен ден пред осум години ја забележа последната голема победа на европската ракометна сцена и во СРЦ „Кале“ славеше над големата Франција.

Се играа квалификациите за ЕП 2012, а Франција тогаш во Скопје пристигна како светски вицепрвак. Избраничките на селекторот Гино Стрезовски одиграа одличен натпревар и го треснаа фаворизираниот противник (30-27), со што направија исчекор кон ЕП 2012 во Србија, последно на кое нашиот женски национален тим беше учесник.

На дуелот во македонскиот „храм на ракометот“ нашиот национален тим настапи во состав Јулија Портјанко, Драгана Пецевска, Мирјета Бајрамоска, Робертина Мечевска, Даниела Новеска, Билјана Црвенковска, Елена Ѓеорѓиевска, Марија Папуџиева, Тања Андреева, Зорица Десподовска, Душица Ѓорѓиевска, Симона Грозданоска, Драгица Митрова, Дијана Наумоска, Ивана Саздовски и Адријана Здравковска.

Франција, пак, играше во состав Камила Ајглон, Сираба Дембеле, Мариама Синате, Андре Дероан, Пола Бадуин, Клондин Менди, Амели Гоџо, Софи Хербрехт, Нина Камто Нџитам, Рафаела Тервел, Андре Бруно, Бландин Дансет, Клеопатра Дарле, Жули Гојорани, Амандин Лејно и Марион Лимал.

Портјанко мечот го заврши како најефикасна ракометарка со девет гола, еден помалку постигна Пецевска, а по четири погодоци зад своето име запишаа Мечевска и Бајрамовска. Голманката Андреева на крајот имаше 11 одбранети топки.

Триумфот над Франција беше последен за нашиот национален тим против еден голем ривал на ракометната сцена. Од таа 2012 година, кога Македонија заврши како 16-пласирана на ЕП, се нема учество на еден голем собир, а дојде момент да се играат и претквалификациски турнири. Македонија се враќа на големата сцена на ЕП 2022 каде ќе биде домаќин, а селекторот Симе Симовски и тоа како ќе има работа да ја „среди“ генерацијата.