ВИДЕО: Денот кога Македонија плачеше од радост, а Кометал ја покори Европа!

На денешен ден, пред 17 години, секој Македонец беше горд и плачеше од радост, затоа што женскиот ракометен клуб Кометал Ѓорче Петров ја донесе првата европска титула во нашата земја, откако го крена престижниот пехар во Лигата на шампионите.

На 19 мај, 2002 година, Кометалки во мечот за титула го совладаа Херц (26-22) и направија секој човек од нашата земја да слави, без разлика дали е вистински вљубеник во ракометната топка или пак не. 

Првиот меч во Унгарија заврши со пораз од два гола на Кометал (25-27), но нашиот тим блесна во тврдината „Кале“ и донесе голема радост за нашата земја, прва во историјата. Гордана Нацева, Индира Кастратовиќ, Олга Бујанова, се само дел од тимот на Александар Панов кој помогнат и финансиран од македонскиот бизнисмен Трифун Костовски стана клуб-херој на целата нација.

„Успехот кој овие девојки го донесоа во Скопје е огромен. Тие го дадоа својот максимум да остане трофејот во Скопје. Тоа е убавина. По толку години од тој успех, секој 19 мај за мене е емотивен празник. Полн со љубов и емоции. Горд сум, на тој ден во Македонија немаше Македонец кој беше горд на нив. Благодарност до девојките, благодарност до сите кои беа инспиратори на ова дело. Исто и до медиумите, кои го направија сето тоа успешно, Кометал ЃП да го добие тој статус. Тој ден, секој Македонец се чувствуваше како да е на Олимп. Кометал e првата освоена титула, но нека не биде и последна во женскиот ракомет“, се сеќава некогашниот прв човек на клубот, Трифун Костовски.

Салата „Кале“ беше претесна тогаш да ги прими сите љубители на ракометот. На моментот се присети и Гордана Нацева, голманката која заедно со Луминица Дину го водеше Кометал ЃП го водеше до големиот успех.

„Беше пеколно во салата, знам дека луѓето уште пред три часа ја наполнија. А се останато е историја. По натпреварот врнеше, фановите не чекаа цели два часа. Го прославивме тоа со публиката. Имавме сите можност да се обратиме и да кажеме нешто пред 30.000 луѓе. Тоа беше едно чувство каде што Македонија живееше заедно, обединета. Треба да го цениме тоа што го имаме. Секој во својот дел да ја даде поддршката на секој што се приближува кон некаков успех затоа што сме мала држава. Благодарност до Костовски за поддршката, до соиграчите, новинарите и сите заеднички успеавме да го направиме тоа. Фактот дека долги години во женскиот ракомет никој не го повторил тоа покажува колку всушност вреди овој успех“, се сеќава македонската ракометна легенда.

И 17 години подоцна, Македонија има ракометни тимови со кои се гордее. Но, енергијата која ја предизвика Кометал ЃП во нашата земја - засекогаш ќе се памети. Орото кое се виеше на „Македонско девојче“, како и скоковите од радост на „Кометал шампионе“, засекогаш ќе останат врежани за македонската спортска историја.

Кометал Ѓорче Петров ја донесе првата европска ракометна титула во Македонија, а долги години подоцна, во тоа успеа машкиот ракометен тим Вардар, кој во 2017 година на Ф4-турнирот во Келн одигра феноменално и преку Барселона и ПСЖ дојде до тронот.