ВИДЕО: Денот кога Македонија плачеше од радост, а Кометал ја освои Европа!

На денешен ден, пред дваесет и три годони, секој Македонец беше горд и плачеше од радост, затоа што женскиот ракометен клуб Кометал Ѓорче Петров ја донесе првата европска титула во нашата земја, откако го крена престижниот пехар во Лигата на шампионите. На 19 мај, 2002 година, кометалки во мечот за титула го совладаа Херц (26-22) и направија секој човек од нашата земја да слави, без разлика дали е вистински вљубеник во ракометната топка или пак не. 

Првиот меч од финалната серија во Унгарија заврши со пораз од два гола на Кометал (25-27), но нашиот тим блесна во тврдината „Кале“ и донесе голема радост за земјата, прва таква ракометна во историјата. Гордана Нацева, Индира Кастратовиќ, Олга Бујанова, се само дел од тимот на тренерот Александар Панов, кој, помогнат и финансиран од македонскиот бизнисмен, Трифун Костовски, стана клуб-херој на целата нација.

„Успехот кој овие девојки го донесоа во Скопје е огромен. Тие го дадоа својот максимум да остане трофејот во Скопје. Тоа е убавина. По толку години од тој успех, секој 19 мај за мене е емотивен празник. Полн со љубов и емоции. Горд сум, на тој ден во Македонија немаше Македонец кој беше горд на нив. Благодарност до девојките, благодарност до сите кои беа инспиратори на ова дело. Исто и до медиумите, кои го направија сето тоа успешно, Кометал ЃП да го добие тој статус. Тој ден, секој Македонец се чувствуваше како да е на Олимп. Кометал нека биде првата освоена титула, но не и последна“, се сеќава некогашниот прв човек на клубот, Трифун Костовски.

  • Комплетниот натпревар меѓу Кометал Ѓорче Петров и Херц:

Салата „Кале“ беше претесна тогаш да ги прими сите љубители на ракометот. На моментот се присети и Гордана Нацева, голманката која заедно со Луминица Дину го водеше Кометал Ѓорче Петров го водеше до големиот успех.

„Беше пеколно во салата, знам дека луѓето уште пред три часа ја наполнија. А се останато е историја. По натпреварот врнеше, фановите не чекаа цели два часа. Го прославивме тоа со публиката. Имавме сите можност да се обратиме и да кажеме нешто пред 30.000 луѓе. Тоа беше едно чувство каде што Македонија живееше заедно, обединета. Треба да го цениме тоа што го имаме. Секој во својот дел да ја даде поддршката на секој што се приближува кон некаков успех затоа што сме мала држава. Благодарност до Костовски за поддршката, до соиграчите, новинарите и сите заеднички успеавме да го направиме тоа. Фактот дека долги години никој не го повторил тоа покажува колку всушност вреди овој успех“, се сеќава македонската ракометна легенда.

Дел од тимот на Кометал Ѓорче Петров во финалето во „Кале“ беа Луминица Дину, Гордана Нацева, Индира Кастратовиќ, Оксана Плошчиска, Ирина Калиниченко, Анжела Платон, Милева Велкова, Олга Бујанова, Мирјана Чупиќ, Андријана Будимир, Лариса Ферзалиева, Ања Андрушченко, Наталија Малахова и Елена Златановска. 

За тогашниот унгарски првак Херц играа Катерина Миклосова, Тимеа Сугар, Мелинда Пастровиќ, Оливија Кампер, Илдико Падар, Ерика Кирснер, Катерина Маврикова, Маргит Падар, Тимеа Тот, Вероника Ковач, Ештер Шити, Дора Леви, Беатрикс Бењач и Агњеш Фаркас.

  • „Денот“ - документарен филм за победата на Кометал ЃП во Лигата на шампионите:

И 23 години подоцна, Македонија има ракометни тимови со кои се гордее. Ама енергијата која ја предизвика Кометал ЃП во нашата земја - засекогаш ќе се памети. Орото кое се виеше на „Македонско девојче“, како и скоковите од радост на „Кометал шампионе“, засекогаш ќе останат врежани длабоко во македонската спортска историја.

Најблиску до успехот во женскиот ракомет на овој легендарен клуб беше ЖРК Вардар, но тимот никогаш не се искачи на европскиот трон и го немаше духот кој го поседуваше овој легендарен тим наречен Кометал Ѓорче Петров. Вардар имаше пет последователни учества на Ф4-турнирите во Лигата на шампионите, од 2013 до 2018 година, но одличните настапи низ сезоните не ги круниса со финален успех, тоа е европското злато. Приказната на вардарки заврши со две сребра (2016/17, 2017/18) и три бронзени медали (2013/14, 2014/15, 2015/16).

Кометал Ѓорче Петров сè уште е најтрофејниот македонски тим на домашната сцена. Има седумнаесет титули во првенството и уште шеснаесет во Купот на Македонија. Доминацијата на кометалки по независноста траеше од 1993 до 2009. Единствен тим кој успеа да им „земе“ титула е ЖРК Вардар во Купот на Македонија во 1994 година. Податоци кои сами по себе доволно говорат колку голем беше овој скопски тим во женскиот ракомет и дека е незаменлив.

  • Ракометната химна на Кометал:

Надежта последна умира, но... тешко дека Македонија во иднина ќе има еден нов гигант како Кометал Ѓорче Петров, тим кој во таа 2002 година го доби епитетот најдобар ракометен колектив во светот!