Дејвис заминува, неговиот претходник ќе биде и негов наследник!

Македонскиот ракометен шампион Вардар 1961 ги минува најтешките денови во овој милениум. Скопскиот клуб е исклучен од евро-куповите и ризикува многу брзо да остане без играчкиот кадар кој го планираше за сезоната 2022/23. Прв кој заминува од клубот е тренерот Давид Дејвис Камара, кој нема договор, а по одлуката за суспензијата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), нема простор за продолжување на соработката.

Дејвис има неколку понуди и ќе ги разгледа по заминувањето од Скопје. Многу извесно е дека негов наследник ќе биде неговиот претходник, Владо Недановски. Поранешниот ракометар на „црвено-црните“ и двоен европски првак во ерата на Сергеј Самсоненко ќе го „гасне пожарот“ во нашиот најтрофееен клуб.

За изгледот на играчкиот кадар треба да почекаме до следната недела, кога клубот најави средба со новинарите и одлука околу иднината на осумте странски ракометари кои се под договор и голем дел од македонските репрезентативци. 

Клубот ќе ги пренасочи целите и ќе го намали буџетот, а ќе мора и да го затвори случајот со ЕХФ за да може спокојно да игра во домашните и регионалните натпреварувања, каде исто така му се заканува суспензија.