Дејвис: Зад нас се тешки 15 дена, среќни сме и задоволни за победата!

Екипата на Вардар 1961 запиша огромна победа против ППД Загреб (20-19) и со неа направи исчекор кон пласман во нокаут рундата на Лигата на шампионите. Со подобра игра во завршницата „црвено црните“ ја израдуваа скопската публика. 

На прес-конференцијата по натпреварот своето задоволство го изнесе тренерот Давид Дејвис Камара. 

„Среќен сум за победата. Натпреварот беше многу тежок. Исто така играчите беа многу нервозни и мислам дека дуелот не беше многу убав за гледање, ама победа е победа. За ППД Загреб поради тешкиот распоред мислам беше сега или никогаш, но не успеаја да победат. Ова е втора победа во Лигата на шампионите и задоволен сум.

Имаме малку одмор по овој тежок февруари, имавме само два дена да се подготвиме за ППД Загреб, но добро е што победивме. Сега имаме помирен распоред, во системот ќе влезат Додиќ и Крстевски, па ќе биде подобро. Многу тешки петнаесет дена се зад нас во кои игравме ист ракомет поради недостатокот на време, ама добро е што победивме“, изјави Дејвис. 

Вардар го очекува домашен дуел со струга, па на втори март гостува кај Мешков Брест. Потоа на деветти во Скопје доаѓа Елверум, уште еден директен ривал во битката за нокаут рундата.