Дејвис: Ме радува она што го видов против Вардар

Некогашниот вардарец Давид Дејвис Камара двапати го победи поранешниот тим како предводник на Веспрем и го елиминира од Лигата на шампионите. По триумфот во Унгарија (39-30), Шпанецот истакна дека е радосен од играта и има само пофални зборови за сите играчи.

„Среќни сме затоа што сме во наредната фаза, тоа бшее нашата цел. Морам да бидам среќен од она што го видов од тимот и од играта во текот на целите 60 минути. Игравме според планот и имам само добри и пофални зборови за сите играчи. Му посакувам среќа на Вардар во продолжението од сезоната, а истовремено се надевам дека на следните мечеви ќе има публика на трибините и ќе не бодри“, изјави Дејвис.

Слично размислува и Омар Јахја, кој кажа дека Веспрем оваа сезона цели да е најдобар, без разлика со кого и да игра.

„Одиравме доста добро во првиот меч и знаевме дека имаме добар резултат. Имавме голем респект за Вардар и во вториот дуел, ама сакавме пак да победиме и со добар пристап и добра организација на играта ја остваривме целта. Сакаме да бидеме најдобри секогаш и секаде“, кажа Египќанецот.

Веспрем во следната фаза од Лигата на шампионите ќе се соочи со Нант на Кирил Лазаров, кој направи изненадување и го исфрли полски Киелце.