Дејвис: Бев лут по првиот дел, но потоа ја сменивме тактиката и победивме!

Ракометарите на Вардар 1961 победија во дуелот со Елверум во последната рунда од групната фаза на Лигата на шампионите. Дуелот во СЦ „Јане Сандански“ беше без резултатски притисок и поради тоа понуди доста голови и многу драма, која на крајот заврши со домашно славје.

На прес-конференцијата по натпреварот зборуваше Давид Дејвис Камара, кој изјави дека бил лут за играта во првиот дел, но потоа Вардар се консолидира и победи.

„Сакам да им честитам на ривалите за добрата сезона, како и на моите играчи. Задоволен сум од трите победи во низа. Работиме навистина многу и добро, па среќен сум за тоа. Во првиот дел беше тешко, бидејќи немаше резултатско значење. Сакав тимот да победи, иако бевме сигурно петти. Бев лут за играта, но по паузата игравме многу подобро. Моравме да се адаптираме, ја сменивме одбраната при -3 и тоа беше добра одлука. Томовски беше одличен во завршницата и крилата пресекоа многу топки, сè беше добро за нас и се покажа желбата за победа. Ако сакаме да направиме нешто во Лигата на шампионите, не смееме да играме со ниска концентрација во било кој натпревар.

Многу сум задоволен бидејќи немавме многу загубени топки. Кога пристигнав тука, нагласив дека не смееме да грешиме премногу. Задоволен сум од фактот дека денес погрешивме само трипати. Откако дојдов се смени системот и напредувавме бидејќи сите покажаа дека веруваат“, изјави Дејвис.

Во пресрет на пресметката вечерва Вардар ја обезбеди петтата позиција и ќе игра во осминафиналето против Веспрем. Слична беше и ситуацијата со Елверум, кој по поразот на ППД Загреб од Алборг го загарантира шестото место.

Осминафиналниот двомеч меѓу Вардар и Веспрем ќе се одигра на 30/31 март, односно ревашните на 6/7 април.