Дејан Манасков кариерата ќе ја продолжи во Динамо на Пасквал?

Динамо Букурешт сериозно работи на засилување на ростерот на Чави Пасквал, со цел да се направи европски успех. Клубот од Романија има буџет од околу четири милиони евра за следната сезона, веќе се засили со Зеин, Кашпарек, Акименко и Букатару. 

Шпанскиот стручњак одлично ја врши работата, сериозно го подигна квалитетот на ракометот и сега е на ред следниот чекор. Според пишувањето на романски „Газета Спортурилор“, Динамо работи на уште три трансфери. 

Еден од нив е и македонскиот репрезентативец, Дејан Манасков. Крилото на крајот на сезоната заминува од Веспрем по истекот на договорот, а веќе најави дека кариерата ќе ја продолжи надвор од Унгарија. Така, Манасков би требало да биде едно од трите следни планирани засилувања на Пасквал. Покрај него, се очекува да пристигнат Лазар Кукиќ од Бенфика и Педро Силва од Пуенте Хентил. Во својата кариера Дејан Манасков играше за Металург, Вардар, Вецлар, Рајн Некар Левен и Веспрем.

Оваа сезона во Лигата на шампионите, екипата на Динамо Букурешт заврши на седмата позиција во групата. Сепак, амбициите се повисоки и челниците на клубот посакуваат пласман во разигрувањето на елитното натпреварување.