„Дејан, добредојде во градот на ракометот“: Кукуловски има нов клуб! 

Македонскиот ракометар Дејан Кукуловски синоќа го одигра последниот натпревар во дресот на Охрид и кариерата ќе ја продолжи во странство. Негов нов клуб ќе биде некогашниот европски шампион Металопластика од Шабац. Српскиот клуб денес го потврди потписот на македонскиот бек и го најави како големо засилување за следната сезона.

„Нашиот клуб продолжува со формирање на силен и конкурентен состав за највисоки дострели, а ангажманот на 27-годишниот бек носи дополнителна острина во нападот и цврстина во дефанзивната линија на тимот. Со висина од речиси два метри, Кукуловски претставува класична закана од бековската позиција и профил на играч кој совршено се вклопува во нашиот систем на игра.

Дејан, добредојде во Шабац – градот на ракометот!“, велат од српскиот клуб.

Кукуловски во Шабац носи драгоцено искуство од настапи на највисоко клупско ниво на Балканот и во Европа. Потекнува и се развиваше во редовите на Вардар, со кој настапуваше во Лигата на шампионите. Потоа, целосна афирмација стекна во дресот на Еурофарм Пелистер, а уште играше за Брно во Чешка и Охрид.