Дебитантот покажа заби, Тиквеш во финишот ја зграби победата

Екипата на Тиквеш продолжи да победува со новиот тренер Горан Андоноски, но потешко од очекуваното славеше на гости кај дебитантот Скопје (26-30) во рамки на машката ракометна Суперлига.

  • Комплетниот натпревар на Скопје 2020 и Тиквеш:

Тимот од Кавадарци ја имаше фаворитската улога на хартија, меѓутоа до посакуваниот полн плен дојде во последните десетина минути од натпреварот. Скопје на Симовски и Будимир покажа заби, но повторно во финишот остана со празни раце и првите бодови ќе мора да ги бара на некоја друга средба.

Цел прв дел мина во егал, се играше претежно гол за гол и токму затоа на паузата резултатот гласеше 14-14. Истата игра продолжи и на стартот на вториот дел, а Тиквеш го сврте натпреварот во своја корист и зачекори кон победата, кога од резултат 24-25, се постигнаа голови во серија. Во мрежата на домашниот тим стрелаа двапати Дрогришки и еднаш Симиќ, за предност од 24-28 на Тиквеш, позитива од четири гола која на семафорот во СЦ „Борис Трајковски“ остана до самиот крај.

Најдобар кај стрелците беше Стефан Трпчевски со шест гола, додека Страхиња Симиќ, Стефан Дрогришки и Дарко Кондев имаа по пет реализации, а кај Скопје, симултанка имаше Александар Василевски со 12 постигнати гола.