Дебитантот Мештриќ ги излуде пелистерци, Загреб го „скрши мразот“ во ЛШ

Ракометарите на Еурофарм Пелистер забележаа уште еден пораз во Лигата на шампионите и во последниот овогодишен натпревар во елитата загубија на гостувањето кај Загреб со 27-23. Овој натпревар беше клучен за понатамошниот развој на настаните за пелистерци, но со поразот шансите за пласман во осминафиналето се сведоа на минимум. 

Тренерот Рубен Гарабаја конечно можеше да смета на сите ракометари, ако не се земе предвид крилото Цветан Кузманоски кој подолго време е повреден. Во Битола остана само кружниот напаѓач Валид, а одново во ростерот се најде Самоил Ристевски. На спротивната страна, пак, во составот на искусниот стратег Ненад Шоштариќ го немаше најдобриот ракометар Ловре Кларица, како и искусниот Игор Карачиќ.

Летното засилување меѓу стативите Саид Хaидарирад доби предност пред искусниот Никола Митревски и веднаш ја запиша првата интервенција, а на натпреварот го отвори Видомски со свој прв вечерашен погодок. Нападот на пелистерци и на овој натпревар беше долг и со многу додавања и дуели, а на стартот тоа донесе резултат. Кузмановски и Видомски беа расположени во нападот, а одличен беше и популарниот „Нинџа“ на голот, па загрепчани наидоа на голем проблем. По десет минути игра водството на „зелено-белите“ беше четири гола (1-5), а по долга пауза битолската мрежа ја затресе Бјалауски, а потоа и од седум метри погоди и Главаш за намалување на негативата на два гола (4-6). 

Павловиќ и Главаш во вистински момент влегоа во серија и Загреб израмни на 7-7, а десното крило на домашните со својот четврти погодок донесе прво водство на хрватскиот тим (9-8). Тоа беше доволен показател за Гарабаја да го повика првиот тајм-аут и да направи неколку промени во нападот. Први минути доби младиот Хаџиќ, а по еден негов пробив Пелистер доби пенал и Манасков погоди за 9-9. Босанскиот ас одлично ги искористи своите минути и со два атрактивни гола беше единствен расположен ракометар кај пелистерци, а тоа не беше доволно за позитивен исход на полувреме. На пауза се замина со предност на домаќинот од 14-12.

Вториот дел на голот на пелистерци застана Митревски, но ниту тој не вроди со плод, затоа што Загреб продолжи во ист стил и за првпат поведе со четири гола (17-13). На спротивната страна дебитантот Мештриќ правеше чуда на голот и со четири врзани интервенции го одведе својот тим на веќе убедливи 19-13.

„Зелено-белите“ и понатаму продолжија да промашуваат зицери и да прават технички грешки, а искусниот Мештриќ набрзо ја запиша својата десетта интервенција, па победникот веќе беше решен – единствена дилема беше колкава ќе биде разликата. На крај домашниот тим славеше со сигурни 27-25.

Прв стрелец кај македонскиот тим беше Кузмановски со седум гола, а по три имаа Манасков и Видомски. За Загреб прв стрелец беше Главаш со десет гола, а Мештриќ во второто полувреме запиша дури единаесет интервенции. По десет одиграни кола Пелистер останува на четири освоени бода, додека Загреб ги впиша првите два и останува на последното место на табелата. Возбудувањата од Лигата на шампионите се враќаат по два месеци, а прв противник во новата година на пелистерци ќе биде Висла Плок. 

ФОТО/PHOTO: EHF Champions League/Twitter