Деби на Борозан, Охрид покажа сила со Прилеп

Екипата на ГРК Охрид си ја заврши задачата пред својата публика и славеше над Прилеп (28-17) во првиот меч од македонската ракометна Суперлига за 2026 година.

  • Комплетниот натпревар меѓу ГРК Охрид и Прилеп:

„Рибарите“ иако беа без неколку играчи кои добија поштеди, сепак, не видоа мака против ривалот пред своите гледачи. Прилеп беше конкурентен и во игра на мечот едно полувреме, на паузата имаше минус од три гола (14-11), но потоа ГРК Охрид го покажа својот квалитет.

Разликата се случи по четириесет и петтата минута, кога подолгиот ростер на домашната екипа излезе на виделина. Од 20-15, Охрид направи серија од 5-0 и се одлепи на 25-15, двоцифрена предност која веќе го реши прашањето околу победникот.

Борис Ројевиќ на овој меч во акција го виде и новото засилување Вуко Борозан, кој беше стрелец на два гола. Прво име кај победникот беше Гоце Ојлески со осум гола, го следеше Тилен Стрмљан со четири гола. Кај Прилеп, Томислав Квастек погоди пет пати.

Одличен кај ГРК Охрид беше и голманот Кристијан Пилиповиќ кој запиша 11 интервенции.