• Мартин Танасковски
Шпанија ќе игра за медал на Летните Олимписки Игри, затоа што успеа да слави над Египет по продолженија (25-25, 29-28) и така се пласира меѓу четирите најдобри на ракометниот турнир. „Фараоните“ водеа цел натпревар, играа за историја, меѓутоа на патот кон неа застана Гонзало Перез де Варгас кој блескаше на голот и со 16 одбрани ги откажа ривалите.
Дуелот на двете репрезентации, верувале или не, почна без голови цели седум минути. Нападот на двете селекции не функционираше, а мразот го скршија Египќаните преку Елдера за предност. Мечот беше во егал до 8-8, кога Египет влезе во серија и со четири гола во низа на паузата замина на 8-12.
Цело време Египет имаше позитива во второто полувреме, се додека Де Варгас не влезе во ритам. Шпанскиот голман дојде до бројката од 13 одбрани и ги врати Шпанците во игра. На минута пред крајот, „фуријата“ успеа да израмни на 24-24 од пенал преку Абељо и донесе драма. Египет воедно остана и со играч помалку затоа што Санад доби исклучување. Сепак, дојдоа во позиција за последен напад за кој имаше 12 секунди при резултат 25-25 и со напад со шест ракометари во поле не реализираа, затоа што Гонзало Перез де Варгас ја спаси Шпанија и донесе продолженија.
Во екстра-времето, Шпанија имаше 27-26, а откако Елдера промаши првпат европската селекција влезе во шанса да поведе со плус два, но Али ја забележа 11 одбрана по шут на Душебаев. Плусот од еден гол за „фуријата“ стоеше и во 67. минута (28-27), Елдера израмни на 28-28 откако Шпанците останаа со играч помалку, а потоа следеше пенал за Шпанија и гол од пенал за 29-28. Во последниот напад Де Варгас блесна и го сопре Египет од израмнување за ново продолжение.
Најдобар стрелец кај Шпанија беше Алеиш Гомеш Абељо со девет гола, пред Иан Серано со шест реализации, додека Аугустин Касадо Марсело погоди четири пати. Кај Египет, Јахја Елдера имаше осум, а Сеиф Елдера даде шест гола. Шпанците во полуфиналето на олимпискиот турнир ќе играат со Германија или Франција.