Де Гој: Дојдовме кај Вардар со страв, тешко се победува во ваква сала!

Од таборот на француски Монпелје сигурно се задоволни од она кое го видоа во Скопје. Тимот пристигна како аутсајдер, но со полн плен од мечот со Вардар 1961 (25-31) си заминува дома. По пресметката во Скопје која се играше во жешка атмосфера, помошникот тренерот Давид Де Гој кажа дека секогаш е тешко да се игра во главниот град на Македонија поради гласните навивачи.

„Секогаш е тешко да се победи кај Вардар поради атмосферата. Се држевме фокусирани и мирни, игравме паметно. Честитки за играчите на Монпелје, победија во тешка атмосфера и кај клуб кој претходно ги победи Алборг и Мешков Брест и немаше пораз по три кола. Ја респектиравме нашата тактика и одигравме онака како што сакавме. По киксот во лигата, дојдовме тука со страв, но убаво е да се рестартираме на ваков начин, со убава победа кај Вардар“, изјави Де Гој.

Од играчите на Монпелје, изјава даде Артур Лене.

„Горд сум на победата над Вардар, дојдовме до триумф во фантастична атмосфера и против публика која беше „напалена“. Имавме добар старт, бевме солидни во клучните моменти, посебно пред крајот на првото и на почетокот на вториот дел. Имам максимална почит за Вардар и едвај чекам да играме против нив и на наш терен“, изјави Лене.

Монпелје сега на табелата се изедначи со Вардар. Има две победи, а покрај македонскиот тим славеше и над Кил во претходната рунда. Во следното коло Французите ќе се соочат со Мешков Брест.