Даскаловски: Нè чека меч од исклучително значење против Еурофарм Пелистер 2

Во рамките од четвртото коло од Суперлигата, екипата на Голден Арт ќе биде домаќин на ракометарите на Еурофарм Пелистер 2.

Дуелот го најави искусниот чувар на мрежата Златко Даскаловски кој најавува натпревар од исклучително значење.

„Натпреварот против Скопје 2020 на кој нашиот тим ги освои бодовите е веќе зад нас и треба што побрзо да го заборавиме, затоа што овој викенд ни следува уште еден натпревар кој е од исклучително значење, а кој нема да биде лесен. Тимот на Еурофарм Пелистер 2 е екипа со искуство на настапи во Суперлигата, а оваа година учествуваше и во европските купови. Екипа која сака да се надигрува и покажа дека е сериозно конкурентна во домашното првенство. Го анализираме противникот и ни преостанува добро да се подготвиме, да ги спроведеме советите на стручниот штаб и да го дадеме нашиот максимум, со цел в сабота да извлечеме позитивен резултат“, вели Даскаловски.

И двата тима во досегашниот тек од сезоната запишаа по една победа. Битолчани победија на единствените две меѓусебни соочувања.