• Иван Димовски
Репрезентацијата на Шведска ја сопре доминацијата на Шпанија и петти пат се искачија на тронот на Европа. Во финалето во Будимпешта, скандинавскиот тим со гол од пенал по истекот на времето дојде до титулата, првпат по 20 години пауза.
Овој состав на играчи во два наврати губеше финалиња, на Европското првенство во 2018 и лани на Мундијалот, но сега успеа да се израдува. По крајот на натпреварот, директно од теренот зборуваше кружниот напаѓач Макс Дарж. 30-годишникот беше без зборови, едвај успеа да искоментира и да го искаже задоволството за трофејот.
„Не можам да поверувам. Долго се боревме за ова. Некои момци се тука со години, некои од момчињата тукушто дојдоа, ова е неверојатно. Знаевме дека ќе биде тежок натпревар, моравме да ја одиграме својата игра. Не го сменивме пристапот иако имавме негатива, се вративме и така успеавме да победиме. Горд сум на сите во овој тим“, изјави Дарж.
Иако Дарж имаше епизодна улога и во финалниот натпревар даде еден гол од исто толку обиди, Шведска покажа дека во овој тим сите играчи во ротацијата имаат своја улога.