• Горан Упале
Ракометната селекција на Данска забележа уште една победа на олимпискиот турнир. Во последното коло од групната фаза европскиот вицешампион беше убедлив во скандинавското дерби со Норвешка, совладувајќи го со 32-25. Натпреварот одлично го водеа нашите Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.
Со овој успех, Данците со максимални пет од пет патуваат во четвртфиналето, додека Норвешка со три победи и два порази заврши на третата позиција. Од оваа група понатамошен пласман обезбедија уште Египет, кој заврши на втората позиција, и Франција, која во последното коло славеше голема победа над Унгарија.
Во скандинавското дерби Данска ја продолжи серијата победи против големиот ривал. Хансен одново не требаше премногу да се труди, бидејќи идната ѕвезда Питлик блесна на паркетот и ја водеше својата селекција до убедлива победа. Прашањето на победникот се реши уште во првото полувреме, кое заврши со 17-12 за фаворитот. Во вториот дел, иако се очекуваше Норвешка да притисне и да ја врати неизвесноста на натпреварот, тоа не се случи. Данска додаде гас и на крај се избори за убедлив триумф од 32-25.
23-годишниот Питлик натпреварот го заврши со девет постигнати гола, а кај Норвешка прв стрелец беше Реинкинд со шест погодоци.
Данска е единствена селекција на ракометниот турнир со максимални пет победи. Противникот во следната фаза ќе го дознае по дуелот Шпанија - Хрватска, со кој вечерва ќе заврши групниот сегмент.