Данска пресилна за Романија, но наместо славје - грижи за повредата на Јоргенсен

Главниот фаворит за златниот медал, данската ракометна репрезентација, ја запиша втората победа и математички се пласира во главната групна фаза на шампионатот на Европа. Во преполната „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг падна Романија со 39-24 (22-17), во дуел во кој момците на Николај Јакобсен играа колку што им е потребно за втора радост во групата.

Романците добро отворија, дури и поведоа со 3-1, но парираа само до 5-5. Јакобсен и Хоксер нанижаа по три гола и во 11. минута веќе беше 10-7 за светскиот првак. Се разиграа и Питлик и Лауге Шмит и предноста ќе беше уште поголема ако не беше Јанку на романскиот гол. Сепак, романската одбрана се распадна и во фестивал на голови Данците на одмор заминаа со предноста од 22-17. 

На почетокот од вториот дел се разигра најдобриот светски ракомегар - Матијас Гидсел, и во 42. минута предноста достигна +11. Ни тајм-аутот на романскиот стручен штаб не промени премногу. Предноста само се зголемуваше и на крај финалниот резултат гласеше 39-24. Единствена лоша вест за Данците е повредата на Лукас Јоргенсен, кој на рацете на своите соиграчи во напушти теренот во 50. минута. 

Најефикасни во данскиот табор беа Гидсел со девет и Питлик со осум гола, а кај Романија одличен натпревар одиграа Наџи, Гита и Деду со по четири гола. Одличен меѓу стативите беше и данскиот голман, Кевин Мелер, кој ја понесе наградата МВП од Европската ракометна федерација (ЕХФ).

Во вторник од 18:00 часот Романија ќе се сретне со Македонија, а од 20:30 часот ќе играат Данска и Португалија во реприза од полуфиналето на Светското првенство минатата година.