Данска ќе го брани златото во реприза на последното олимписко финале

Во реприза на олимпиското финале, Франција ќе ја предизвика Данска за златниот медал на Игрите во Токио. Слична беше ситуацијата и во Рио, овие два ракометни гиганти вкрстија копја за најсјајното одличје, а поуспешни беа Данците. 

Желбата за одмазда е голема, Франција игра добар ракомет на овој турнир во Токио, а шанса секако постои. Иако на патот ќе им застане двократниот светски првак во низа, Данска која покажа неверојатно искуство и леснотија во некои одлучувачки моменти на овие Олимписки игри. 

Според букмејкерите, Данска е фаворит, а така се очекува да биде и во пракса. Едноставно, момците на Јакобсен предводени од безвременскиот Микел Хансен, дополнети со младите талентирани играчи како Холм и Гидсел изгледа дека можат да победат секого, секогаш. Франција на Гијом Жил исто така игра разноврсно. Можеби нема еден играч како Хансен кој сам ќе реши натпревар, постојат многу опасности, а главни по голот на Ландин се Ремили, Мем, Деска, Карабатиќ...

На последните пет меѓусебни пресметки, Данска има три победи, еднаш славела Франција и еден дуел заврши со реми. Покрај тоа, двојниот светски првак во низа победуваше на двете последни пријателски средби, едната непосредно пред олимпискиот турнир. 

Дуелот за златото е закажан со почеток од 14:00 часот во „Јојоги Насионал Гимназиум“ во Токио, а правдата ќе ја делат македонските арбитри Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.

Претходно, од 10:00 часот ќе се игра мечот за бронзениот медал меѓу Египет и Шпанија