Данска ја сруши Франција и закажа реприза на претходното европско финале!

Ракометарките на Данска ја совладаа Франција (22-24) во второто полуфинале на Европското првенство. Скандинавската селекција приреди изненадување и се избори за ново финале на континенталните собири.

Екипите тргнаа со по гол, па потоа скандинавскиот тим постигна два погодоци (1-3). Одржуваше Данска предност на стартот, а Французинките успеаваа да се вратат двапати до егал. Последен пат беше 5-5, па скандинавките се одлепија и стекнаа три гола предност (7-10). Одново пред паузата „триколорките“ се вратија на гол дефицит, а на полувреме се замина со 11-13. 

Во вториот дел Франција успеа пак да стигне до израмнување, меѓутоа тоа беше сè од оваа селекција. Откако на семафорот стоеше 14-14, следеше серија на Данска од 0-6 со која се одлепи (14-20). Пред крајот на мечот успеаја Французинките да стигнат пак на „минус два“, но немаа сили за целосен кам-бек и подвиг. На крајот скандинавската репрезентација се пласира во финалето кое ќе биде реприза на минатото Европско првенство. 

Најефикасна ракометарка на мечот беше Хансен со седум гола, додека Фопа кај Французинките постигна четири.