• Горан Упале
Ракометарките на данската репрезентација ја запишаа втората победа во главната фаза од Европското првенство и со тоа ги сочуваа шансите за пласман во полуфиналето на континенталното натпреварување. Во последниот натпревар од денешната програма Данките не дозволија изненадување против Словенија и славеа со 33-26.
Со оваа победа скандинавската селекција со шест бода се израмни со Холандија и токму нивниот меѓусебен дуел во последното коло ќе го даде вториот патник во полуфиналето од групата 2, откако попладнево Норвешка ја совлада Германија и го потврди првото место.
Данските ракометарки важеа за големи фаворитки на вечерашното соочување со Словенија, но до победата не стигнаа така лесно. Словенија долго време парираше и го следеше чекорот на противникот, но кога беше најпотребно Данска влезе во ритам и заслужено славеше со 33-26.
Халилчевиќ со шест и Хансен со пет гола беа најпрецизни за Данска, а за Словенија се истакнаа Станко со осум и Љепоја со шест погодоци.