Данска ја „растури“ Јапонија и со триумф ја започна одбраната на олимпиското злато

Ракометната селекција на Данска со убедлива победа ги започна Летните олимписки игри во Токио, каде го брани златниот медел освоен пред пет години во Рио Де Жанеиро. Во рамките од првото коло од групата Б, европскиот гигант не виде мака против домашната селекција на Јапонија и забележа висок триумф со 17 гола разлика (47-30).

Данците уште во воведниот дел најавија дека противникот нема што да бара на овој дуел, па по водството од 5-0 веќе беше јасно каде ќе завршат првите бодови. Момците на Јакобсен продолжија во ист ритам и поведоа со 10-2, по што следуваше мал пад на нивната игра и Јапонија со вкупно 14 постигнати гола на полувреме замина со негатива од 11 гола (25-14).

Во вториот дел шанса за докажување добија и ракометарите од клупата, но тоа не ја спречи Данска да го зголемува водството и на крај да слави со максимални 17 гола разлика (47-30).

Најдобри стрелци во таборот на Данска беа Холм со девет и Саугструп со осум гола, додека одлична партија имаа и голманите Ландин и Мелер кои запишаа по девет интервенции. Во домашниот тим прв стрелец беше Мотоки со осум гола.