• Мартин Танасковски

Женските ракометни клубови од Македонија го почнуваат својот европски пат. Три екипи од нашата земја ќе играат во европските купови на ЕХФ, во обид да бидат што е можно подобри репрезенти на нашиот ракомет.
Две екипи во Европскиот куп го стартуваат својот пат денес. ЖРК Металург Автокоманда гостува во Турција, каде оди на мегдан со екипата на Гореле во 1/32-финалето. Се работи за тим кој по три кола има две победи во турската Суперлига. Металург Автокоманда имаше активен преоден рок, донесе неколку младински репрезентативки, како и сениорките Александра Колоска, Борјана и Бојана Коцеви...
ЖРК Чаир, пак, како носител, исто така игра во Европскиот Куп, а ќе има полесна задача на хартија затоа што се соочува со Каерјенг од Луксембург. Тимот на Љатифи остана без капитенката Леонора Рахмани која продолжи во Азербејџан, а донесе три имиња - Јана Велигденова, Анастасија Митова и искусната Габриела Величковска.
Ранг погоре, во Европската лига на ЕХФ, ќе игра актуелниот првак ЖРК Ѓорче Петров. Најдобрата екипа од Македонија ја чека дуел со шведскиот Х65 Хоор. Шест нови играчи дојдоа во овој преоден рок, претежно странски имиња, ангажирани за да го подигнат нивото на тимот на Симовски.
Европската програма се отвора со мечот Гореле - Металург Автокоманда (16:00), а продолжува со Каерјенг - ЖРК Чаир (18:00). ЖРК Ѓорче Петров својот меч го игра утре (недела) од 16:00 часот.