Дали Вардар ќе го снајде судбината на Металург и ќе добие и домашна суспензија?

Иако не беше изненадувачка, веста за исклучување на Вардар 1961 од евро-куповите за сезоната 2022/23 разорно делува врз македонскиот клупски ракомет и спорт. Клубот кој двапати беше шампион на Европа ги преживува најтешките моменти во овој век и ризикува уште поголеми казни, па дури и згаснување.

Имено, клубот е санкциониран од Европската ракометна федерација (ЕХФ), а тоа автоматски може да значи и суспензија од националната федерација и исклучување од домашните натпреварувања. Ако се следи случајот Металург минатата зима, на Вардар 1961 му следи забрана за настап во Суперлигата и исфрлање во најнизок ранг на натпреварување. Рано е за најцрното сценарио, бидејќи администрацијата на Вардар 1961 најави барање правда пред суд и заштита на своите права. Но, опција за брза одлука, па и во полза на скопскиот клуб, не постои, а со тоа клубот е осуден на реформи.

Првата итна промена треба да биде продажба на странските ракометари кои имаат важечки договори и настап со домашни ракометари, ако воопшто Вардар 1961 добие право за настап и ако воопшто македонските ракометари останат во клубот. Ефектот од казната на македонскиот првак е вртоглав, па сите ракометари веќе разгледуваат други опции, секако доколку клубот им даде „зелено светло“ за трансфер. Клубот и вака има финансиски проблеми и не може да го издржи товарот да игра само домашно првенство со интернационален состав. Во случај Вардар 1961 да го снајде суспензија и на домашна сцена, шампионатот ќе претрпи големи промени, па Македонија ризикува да загуби или пријави нов клуб и во регионалната СЕХА лига, која се најавува дека ќе продолжи или ќе отпочне нова сезона.

Колапс на Металург и Вардар 1961 во една година е преголем удар за македонскиот ракомет и прашање е дали и кога нашата клупска сцена ќе биде како што беше во последните десетина години. Дилеми има дали воопшто во догледно време во Македонија ќе ги гледаме најдобрите европски екипи или не.

Gol.mk одамна апелираше дека ќе нè снајде вакво сценарио, ако навремено не се реформираме. Очигледно проектите Металург и Вардар 1961 имаа подеднакво лоши страни, колку добри и не е тоа моделот кој треба да се следи. Можеби правилниот пат е овој по кој одат Еурофарм Пелистер, Алкалоид...