Дабевска: Очекувам борбен меч и многу „тепање“ во одбрана со Романките

Македонија има ден одмор, па следи натпреварот против Романија, последен во рамки на првата групна фаза на Европското првенство (ЕП) кое се игра во Македонија, Словенија и Црна Гора.

Сања Дабевска го најави дуелот со Романките кој ќе биде за следна фаза. Франција и Холандија се веќе таму, а победникот од овој натпревар ќе биде третиот тим кој оди во втората рунда.

„Клучната разлика од претходните две средби е што Романија поблиску е до нас, не се како Франција и Холандија да играат толку брз ракомет, играат нешто поспоро. Нашата шанса ќе ја гледаме тука, се надевам дека може да ни се посреќи и со наш ден да дојдеме до победа.

Очекуваме борбен натпревар, ќе има многу „тепање“ на терен и се надевам дека резултатот ќе биде во наша полза. Сакаме поддршка и од публиката која ни е златна. Криво ни е што не ги израдувавме досега со победа, но се надевам во последната рунда ќе го направиме тоа“, изјави Дабевска.

Натпреварот меѓу Македонија и Романија се игра во СЦ „Борис Трајковски“, во среда од 18:00 часот.