Цвијиќ: Овој Ференцварош ме потсетува на машката шампионска екипа на Вардар!

Балканската врска Лекиќ-Цвијиќ пак ќе игра финале на Лигата на шампионите. По шампионските денови во дресот на ЖРК Вардар, но и во други клубови од регионот и континентот, двете српски ракометарки пак се на чекор од европска титула.

Ференцварош го совлада фаворизираниот дански Есбјерг со 30-29 и утре против норвешки Вајперс Кристиансанд ќе игра за европска титула. Кружниот напаѓач Драгана Цвијиќ беше пресреќна и по натпреварот ни го спореди својот тим со некогашниот шампионски Вардар.

„Пресреќна сум, ова е една од моите најголеми клупски победи во кариерата. Никој не се надеваше дека можеме до овде. Кога ќе се сетам дека загубивме од Битинхајм со дваесет разлика на првиот натпревар, а сега ќе играме за титулата, тоа ми изгледа уште поневеројатно.

Овој Ференцварош ми наликува на машката екипа на Вардар, која сите ја отпишуваа, но кога тим знае што сака, и се надминува себеси, нема пречки кои не може да ги прескокне.

Ако јас некогаш бидам тренер, ќе сметам на балканскиот „шарм“, на страста на луѓето. Треба да знаете за кого играте, така беше во ЖРК Вардар, така беше во Будуќност, така е и сега во Ференцварош. Овие луѓе толку се желни да ја освоиме титулата. Чувствуваме одговорност кон нив. Толку многу луѓе дојдоа да ни дадат поддршка, што еве и сега не верувам што остваривме“, рече кружнииот напаѓач на Ференцварош, Драгана Цвијиќ. 

Овој пораз на Есбјерг значи и прекинување на серијата на Нора Мерк, која шест сезони по ред ја освојуваше Лигата на шампионите. Затоа, пак, Андреа Лекиќ со авторитетна партија се избори за уште еден натпревар за европска ктуна. 

„Секогаш на „фајнал-фор“ играв против домашните екипи, а сега сум на другата страна и ќе имаме поддршка од цела сала. Огромна работа е да играте во ваков амбиент, во ваква сала, пред овие навивачи“, рече српскиот среден бек.

Финалето меѓу Ференцварош и Вајперс Кристиансанд се игра утре од 18:00 часот.