ЦСМ Букурешт со убедлив триумф над Брест до бронзен медал во ЛШ!

Екипата на ЦСМ Букурешт го освои бронзениот медал во Лигата на шампионките на ЕХФ, откако славеше победа над Брест Бретања Хандбол во натпреварот за третото место со конечни 32-36. 

Романскиот првак имаше предност од два гола на паузата меѓу двете полувремиња (13-15), а во вториот дел продолжи со добрата игра и стигна до највисоки +6 во финишот на мечот. 

Се обиде Брест да возврати на стартот од второто полувреме, но немаше сили за целосен „кам-бек“ и мораше да се помири со четвртото место во овогодинешното елитно издание на ЕХФ. 

Најдобра ракометарка во победничкиот состав беше Елизабет Омореги со осум гола, а на спротивната страна, единаесет погодоци постигна Кларис Маиро.