ЦСКА не знае за пораз во ЛШ, нова солидна партија за Сара Ристовска

Ракометарките на ЦСКА Москва ја запишаа и четвртата победа во петтото коло од женската Лига на шампионки, откако го совладаа Брест Бретањ со 28-30. 

Екипата каде што настапува македонската репрезентативка Сара Ристовска, сè уште е без пораз во елитното натпреварување и има четири триумфи и едно реми против шампионот Ѓер. Ниту денес противникот од Франција не успеа да го загрози одличниот ефект на руската екипа, па освен што на стартот само еднаш водеше, ЦСКА во целост го контролираше натпреварот. 

Ристовска беше меѓу најдобрите во својот тим со четири погодоци, колку што имаа поранешната вардарка Илина, Хеиндал и Ведехина, додека пет реализации имаше Горшокова, а најефикасна беше Михаличенко со шест. Кај Брест по шест голови на своето конто запишаа Ниакате и Грош, а пет имаше Јауковиќ.

На останатите натпревари Будуќност се радуваше кај БВБ Дортмунд (26-28), Есбјерг и Кристиансанд играа реми (27-27), Букурешт го совлада Ференцварош (25-19) и Одензе ја прегази Подравка Вегета со (17-33).