ЦСКА Москва ќе бара помош од македонската амбасада за Ристовска

Рускиот ракометен клуб ЦСКА Москва на својата интернет-страница објави дека ќе бара помош од македонската амбасада во Русија за Сара Ристовска безбедно да биде пренесена во Македонија.

Ракометот во Русија е завршен, сите првенства се предвремено прекинати и прогласени се шампионите, а Ристовска е останата во Москва заедно со Шана Масон од Бразил. Едуард Акопјан, генералниот директор на ЦСКА Москва, потврди дека се бараат начини за ракометарките да се вратат дома.

„Ќе ги контактираме амбасадите на Бразил и Македонија и ќе се обидеме да најдеме начин за овие ракометарки да се вратат дома што е можно побрзо. Можеби постојат и некои специјални летови за странци од Москва. Не сакаме нашите членови да бидат под стрес“, изјави Акопјан.

Во женскиот руски ракомет шампион е Ростов Дон, додека во машкиот титулата му припадна на тимот на Чеховски Медведи.