„Црвено светло“ во Вардар: Одбраната е полна дупки, а голманите се – нула!

Европскиот и македонски ракометен првак Вардар ја спушти завесата во Лигата на шампионите за 2019 година и ако стартните три кола ветуваа нешто, актуелните резултати не се премногу оптимистички и навивачите се скептици дека тимот може пак да игра на Ф4.

Три стартни победи, пораз од Кил, тренерска смена, па катастрофа и само една победа во седум кола - така се движеше оваа полусезона на „црвено-црните“. Не се памети во поновата историја кога Вардар бил четири кола без победа, а и така тотално надигран, како во мечевите со Киелце, Веспрем и Мешков Брест.

Факт е дека Едуард Кокшаров, кој го наследи Давид Писонеро, имаше големи проблеми со повредени играчи, но тоа не може да биде алиби на начинот на кој игра Вардар, затоа што, сепак, се работи за европски првак, а кај европските прваци нема голема толеранција кога нема резултати.

Како главен проблем во последните седум кола се покажаа одбраната и голманите. Тимот кој го красеше најдобра одбрана во ЛШ со години, сега е на претпоследното место кога се работи по ефикасноста во дефанзивата која речиси воопшто да не реагираше на ниво на последните мечеви.

  • ПРИМЕНИ ГОЛОВИ ВО ЛШ:

- Мотор Запорожје 323
- Вардар 321
- ГОГ 319
- Чеховски Медведи 308
- Целје 302

Македонскиот тим има примено вкупно 321 гол, или во просек 32,1 гол по меч, а од сите групи во елитата, полош е само Мотор Запорожје со 323 примени гола. Истовремено, проблем се и голманите, ако Штербик и Милосављев правеа чуда во најсветлите години на тимот, барем оваа полусезона, народски кажано, чуварите на мрежата на Вардар не може „фрлен пешкир да фатат“ и се далеку од она што се посакуваше пред стартот на сезоната, кога замина Дејан Милосављев, кој сега е еден од најдобрите голмани во Бундеслигата.

Калифа Гедбан е прв чувар на мрежата, но не импресионира премногу. Најдобар и воедно единствен меч со над десет одбрани му беше со Киелце, кога Вардар во Скопје одигра реми. Артурс Кугис, пак, кој беше фантастичен за Летонија во квалификациите за ЕП 2020 и беше еден од виновниците за пласманот на земјата на европскиот собир имаше само еден блесок со Порто, па им се даде шанса и на младите Кизиќ и Гогов. Додуша, Летонецот немаше можност да се покаже во целост, затоа што бранеше на половина од натпреварите, а на два од нив влегуваше само за пенали.

Вардар цели највисоко, но ако се спореди ефикасноста на голманите, тогаш Гедбан и Кугис кога се работи по број на интервенции, во десет кола заедно имаат помалку од првите голмани на ПСЖ и Барселона, Коралес и Перез Де Варгас. Податок кој е алармантен за европски првак и тим чии амбиции се повторно да се пласира на Ф4 во Келн.

  • СТАТИСТИКА НА ГОЛМАНИТЕ НА ВАРДАР ВО ЛШ:

Калифа Гедбан

1. коло - Монпелје (г) - 2/19
2. коло Порто (д) - 1/12
3. коло Мотор (г) - 7/30
4. коло Кил (д) - 7/35
5. коло Веспрем (г) - 3/22
6. коло Мешков (д) - 4/20
7. коло Киелце (д) - 12/27
8. коло Киелце (г) - 4/27
9. коло Мешков (г) - 6/34
10. коло Веспрем (д) -  2/15

48 ОДБРАНИ

Артурс Кугис

1. коло Монпелје (г) - DNP
2. коло Порто (д) - 10/25
3. коло Мотор (г) - 1/8
4. коло Кил (д) - 0/4
5. коло Веспрем (г) - 2/16
6. коло Мешков (д) - 0/8
7. коло Киелце (д) - 2/12
8. коло Киелце (г) - DNP
9. коло Мешков (г) - DNP
10. коло Веспрем (д) - DNP

15 ОДБРАНИ

Марко Кизиќ

1. коло Монпелје (г) - DNP
2. коло Порто (д) - DNP
3. коло Мотор (г) - DNP
4. коло Кил (д) - DNP
5. коло Веспрем (г) - 0/5
6. коло Мешков (д) - 4/11
7. коло Киелце (д) - DNP
8. коло Киелце (г) - 4/16
9. коло Мешков (г) - 0/3
10. коло Веспрем (д) - 1/8

9 ОДБРАНИ

Васил Гогов

10. коло Веспрем (д) - 4/18

Вардар чека да се вратат повредените играчи, а по Европското првенство (ЕП) задолжителни се промени. Факт е дека на тимот му е потребен еден „специјалист“ во одбраната, а не е исклучена можноста во 2020 година тимот да влезе со еден нов голман. Шанса за поправен овој тим ќе има до февруари, кога по ЕП 2020 следи жешко гостување во Германија, кај лидерот Кил.