• Горан Упале

Откако црногорскиот стручњак и поранешен тренер на Пелистер, Ратко Ѓурковиќ, ја доби довербата да остане на чело на ракометниот клуб Црвена Звезда, раководството на поранешниот српски шампион со засилено темпо работи на засилување на играчкиот ростер.
„Црвено-белите“ имаа не така успешна сезона во домашниот шампионат. Се бореа за опстанок во елитата, а откако успеаја во тоа ќе следува целосна реконструкција и бројни засилувања. Нов член на Црвена Звезда е поранешниот кружен напаѓач на Металург, Бранко Канкараш, кој по заминувањето од Автокоманда настапуваше во Израел.
Во Белград пристигнува и израелскиот десен бек Ротем Сегал, а започнати се и преговори со браќата Њокас, кои минатата сезона, по краткиот престој во Металург, се преселија во Вардар и ја освоија двојната круна со „црвено-црните“.
Иако се во доцните играчки години (наскоро ќе наполнат 36 години), левиот бек Оливие и десниот Кевин се ракометари со реноме, кое српскиот ракомет ги немал во последните две децении. Црвена Звезда покажала сериозен интерес за двајцата Французи, но ракометниот пазар сè уште е во полн ек, и неизвесно е дали ќе ја прифатат понудата која што ја имаат на маса.