Црногорските „лавици“ петти на светот, Шведска ја декласира Германија

Балканското дерби за петтото место на Мундијалот во Јапонија им припадна на ракометарките на Црна Гора кои минимално ја совладаа Србија (26-28). И двете репрезентации имаа причина за радост, со оглед на тоа што обезбедија пласман во квалификациите за Летните олимписки игри наредната година.

Натпреварот изобилуваше со изедначена игра и честа промена на водството, за на крај Црногорките поумешно да го завршат вториот дел и да слават голема победа. Точка на натпреварот стави Раичевиќ, која погоди за недостижни 25-28 во последната минута.

Токму таа заедно со Рамусовиќ беа најефикасни кај победникот со по четири гола. Кај Србинките се истакна Стоиљковиќ со шест погодоци.

Мечот за седмото место, кое последно носи место во квалификацискиот циклус за ЛОИ, го доби Шведска и тоа на убедлив начин во дуелот со Германија (24-35). Иако важеа за аутсајдери на натпреварот, шведските репрезентативки одиграа ефикасен меч, идентично во двата дела, и заслужено стигнаа до позитивниот резултат.

Неколку ракометарки кај шведската репрезентација беа расположени, а се издвои Гулден со седум гола од исто толку обиди.