„Црна Гора веројатно има подобри индивидуалци, но ние сме подобар колектив“

Единствениот натпревар на кој Македонија ќе биде фаворит во групната фаза на Европското првенство е утрешниот против Црна Гора. На овој дуел Лазаров ќе мора и ментално да ги подготви репрезентативците, посебно заради фактот што до последен момент нема да се знае каква Црна Гора ќе излезе на мегдан против нас.

Многу црногорски ракометари се борат со времето да излезат од ковид-изолација и да добијат право за настап во Дебрецин. Селекторот смета дека наш адут е колективот, бидејќи како индивидуалци Црна Гора е нешто посилен ривал.

„Не сакам да ја потценам Црна Гора. Имаат индивидуалци, веројатно и подобри од нашата репрезентација, но мислам дека сме подобри како колектив. Не сакам да ги отворам „картите“. Видовме некои работи, нешто дополнително ќе анализираме, посебно вчерашниот натпревар.

Има одредени разлики од претходно, но никогаш не се знае. Вчера не ги очекувавме ниту Шеваљевиќ, ниту Мијушковиќ, но тие беа во составот. И тие и ние имаме ковид-позитивни ракометари кои полека се враќаат. Од ден на ден се менува ситуацијата и треба да се прилагодуваме“, истакна селекторот не утринската средба со новинарите. 

Македонија нема пораз од Црна Гора на големи натпреварувања, а единственото соочување на Европско првенство го имавме пред четири години во Хрватска, кога нашиот национален тим, воден од Раул ја совлада Црна Гора на Ѓукиќ.

Утрешниот натпревар се игра во „Феникс Арена“ во Дебрецин од 18:00 часот.