• Горан Упале

Еден од главните кандидати за трофејот на ракометното Светското првенство, Шпанија, со тесна победа ги започна своите настапи во групата А (25-20). Во Краков, шпанските ѕвезди видоа многу мака против мотивираната Црна Гора, која повторно докажа дека поседува квалитет да се надигрува со најголемите на светот.
Клучен период на натпреварот беше финишот од првото полувреме, во кое „фуријата“ влезе во посакуваниот ритам и се одлепи на три гола разлика (15-12). На стартот од вториот дел Црногорците со одлична игра во одбраната успеаја да се вратат на само еден гол негатива, но немаа сили за целосен пресврт и својата шанса за прва победа ќе ја бараат на средбата со Иран за два дена. Фернандез и Одриозола со по пет гола беа предводници на Шпанија, а за Црна Гора фантастичен настап имаше Бранко Вујовиќ со седум гола.
Домаќинот на шампионатот Шведска не се претстави во најдобро светло пред својата публика во Гетеборг, но сепак го совлада Бразил со 26-18 и со два бода ја отвори групата Ц, во која воведна победа извојува и Зеленортски Острови над Уругвај. Бразил се покажа како тврд противник, но немаше сила за прво големо изненадување на Мундијалот.
Готфридсон со шест гола и Сандел со три беа најрасположени во шведскиот тим, а за Бразил прв стрелец беше Родригеш со четири гола.
Воведни два бода забележа и Исланд, откако во дербито во групата Д беше поуспешен од Португалија, со резултат 30-26. Во редовите на Исланд блеснаа Елисон со осум и Магнусон со седум гола, додека осум гола за Португалија постигна Портела.