Црна Гора го доби трилер-мечот со Србија и остана во игра за полуфинале на ЕП

Балканското дерби на Европското женско ракометно првенство меѓу Србија и Црна Гора ги оправда очекувањата, откако двете селекции одиграа супер-неизвесен натпревар, кој заврши со среќен крај за Црногорките (27-28), предводени од поранешната вардарка Јованка Радичевиќ. 

Дуелот во Нант започна во знакот на Црногорките, кои тргнаа расположено и помотивирано од своите ривалки и го презедоа водството, кое во 14. минута достигна и до +3 (4-7). Но, Србија веднаш се врати во игра и преку фантастичната Крпеж, којa постигна осум гола, направи комплетен пресврт и на пауза замина со позитива од три гола (15-12). 

Сепак, избраничките на Обрадовиќ потфрлија на стартот на вторите 30 минути, а Црна Гора соодветно казнуваше, па во финишот се влезе со израмнет резултат од 22-22. Грешките на Србинките продолжија и во клучните моменти, па на крај победата заслужено заврши во рацете на Црна Гора, која со овие два бода ги продолжи надежите за пласман во полуфиналето на овој континентален собир. 

Убедливо најпрецизна на мечот беше десното крило на Србија, Катарина Крпеж со 11 гола, а солиден настап имаа уште Радојевиќ со пет и Лавко со четири погодоци. Кај Црна Гора се истакнаа Јауковиќ и Мехмедовиќ со по шест гола, а еден помалку постигна Радичевиќ.