Црна Гора доби засилување за Македонија, Рогановиќ со негативен тест замина за Дебрецин

Ракометната селекција на Црна Гора, која што е следниот противник на Македонија на Европското првенство, многу веројатно за овој меч ќе биде предводена од својот селектор Зоран Рогановиќ.

Искусниот стратег поради коронавирус остана во Подгорица и не ја водеше Црна Гора на првиот натпревар со Данска, но тамошните медиуми пишуваат дека денес го добил посакуваниот негативен резултат и веднаш заминал за Унгарија.

Сепак, тоа не значи дека Рогановиќ ќе биде на клупата за утрешниот дуел со Македонија. За да се случи тоа ќе треба во Дебрецин да мине уште една рунда тестирања, па доколку и тие тестови се негативни, тогаш ќе добие „зелено-светло“ да ја води селекцијата во вториот натпревар од континенталниот собир.

Слична ситуација има во нашиот табор, откако негативен тест утрово доби Никола Митревски, па искусниот голман веќе е на пат за Дебрецин. Црна Гора на стартот на Европското првенство беше поразена од Данска со 30-21, додека Македонија загуби од Словенија со 25-27.