Циндриќ со херојски погодок, Хрватска преку Португалија на чекор од ОИ

Циндриќ

Хрватите одиграа уште еден тесен натпревар на кој имаа повеќе среќа во завршницата и запишаа голема победа против Португалија (25-24).

Тимот на Хрвоје Хорват го продолжи сонот да игра на Олимписките игри, со оглед на тоа што вчера загуби на стартот од квалификациите на дуелот против Франција. Сега ќе треба да го победи и Тунис, за да освои едно од првите две места во групата, кои гарантираат успешен циклус.

Ова беше директен судир за место на олимпискиот турнир. „Коцкестите“ покажаа дел од својот најдобар репертоар во завршницата, а тоа на крај се покажа како доволно да се анулира негативата на полувреме (9-12).

Вардарецот Чупиќ погоди во вистински момент и израмни на 23-23 на три минути до крајот. Тоа ветуваше голема борба за победата во завршните моменти. Веќе во следната акција хрватската репрезентација го презеде водството по подолго време.

Херој на Хрватска беше Лука Циндриќ кој погоди за минимална победа на 20 секунди до крајот. Одбраната издржа, па Португалците не го искористија последниот напад. Чупиќ одново беше феноменален и запиша девет гола, зад него со по четири погодоци беа Циндриќ и Мандиќ.