Циндриќ со 11 гола ѝ ја донесе петтата светска круна на Барселона

Шпанскиот ракометен првак Барселона е шампион на неофицијалното светско клупско првенство во ракомет Супер Глоуб, откако во драматично финале, екипата успеа да го совлада бундеслигашот Кил (34-32).

Двата европски ракометни гиганта одиграа супер-интересен натпревар, кој се решаваше во самиот финиш. Уште од почетокот на мечот, Кил и Барселона си го предаваа водството, па како да најавија дека се ќе биде неивесно до крајот.

На полувремето, Кил водеше со 17-15, потоа имаше предност и од 23-20, но со три гола во низа, каталонскиот тим дојде до 23-23. Беше 25-25, па 27-27, а откако Кил направи две технички грешки, Мем и Циндриќ казнија, за 27-29 на влезот во последните десет минути.

Потоа, при два разлика на Барселона, Рајнкајнд ја погоди пречката, по што следеше контра преку брз центар, а топката заврши кај Палмарсон, кој го даде вториот гол во низа, за високи „плус три“ (28-31), предност која до финишот се покажа недостижна за „зебрите“. Дуелот го реши токму Исланѓанецот, со клучен гол пред истекот на времето.

Феноменална партија во дресот на Барселона одигра некогашниот вардарец Лука Циндриќ, со 11 гола од вкупно 14 обида. Поддршка му беше Палмарсон со седум гола од кои половина беа во клучните моменти, а Дика Мем заврши со пет гола, но исто така и со црвен картон поради прекршок во финишот. 

За Барселона ова е петта круна на Супер Глоуб, што е рекорд. Претходно, тимот се радуваше на златото во 2013, 2014, 2017 и 2018 година.