Циндриќ: Не нè победи Ненадиќ, туку нашата лоша игра со човек повеќе

Gol.mk на ракометен Final Four во Келн

Долго време го немаше во натпреварот против Веспрем, па Лука Циндриќ се разбуди, постигна пет гола во второто полувреме, но и тоа не беше доволно да се избори финале на Лигата на шампионите.

Киелце загуби со 33-30 од Веспрем и по вторпат во својата историја ќе игра за третото место. Некогашниот вардарец смета дека со толку многу грешки не може да се стигне до едно европско финале.

„Ненадиќ беше одличен, но мислам дека тој не го реши прашањето на победникот. Мислам дека нашите грешки во игра со човек повеќе беа одлучувачки. Очекував вака лош и преполн со грешки натпревар и во таа бркотница Веспрем подобро се снајде. Штета за нашата одлична сезона, но тука во Келн секоја најмала грешка се казнува. Жалам за шансата која ја имавме, бидејќи на Ф4 не се доаѓа така лесно, но мора да им честитаме на ривалите, денес беа за нијанса подобри“, ни рече Хрватот по натпреварот.

Утре против поразениот од дуелот Вардар - Барселона, Лука Циндриќ ќе го одигра последниот натпревар во дресот на Киелце, бидејќи од следната сезона веројатно ќе настапува во АСОБАЛ лигата за Барселона.