Циндриќ најголемо засилување: Вака ќе изгледа Барса следната сезона

По два епски дуели во три години на завршните турнири на Лигата на шампионите, се предвидува дека Барселона и Вардар и следната сезона ќе водат голема битка за европската титула. Секако, тука има место за уште 3-4 екипи чија цел ќе им биде да стигнат во Келн на крајот од мај следната година.

Барселона објави дека го комплетира ростерот за следната сезона и објави кои 17 ракометари ќе му се стават на располагање на тренерот Пасквал во август на почетокот од  подготовките. Капитенот Раул Ентрериос ќе игра уште една сезона и на 39 години ќе ја заврши кариерата. Клубот деновиве ќе го официјализира трансферот на Лука Циндриќ од Киелце. Со Хрватот, Каталонците ќе добијат поинаков среден бек и очекуваат да добијат на креативност и непредвидливост. Второто засилување е кружниот напаѓач Абел Сердио од Ваљадолид, кој потпиша пред неколку месеци.

Барселона ќе ја напуштат Сипжак (ПСЖ), Дуарте и Лене (Монпеље). Немања Илиќ по четири месеци поради повредата на Мортенсен ќе се врати во Тулуз, а Жалуз уште една сезона ќе биде позајмен на францускиот Шартр.